Не знаеме за вас, но нам не ни е сеедно тоа што се случува во Македонија

И не само што не ни е сеедно, туку и се срамиме заради постапките на некои наши сограѓани. Ова го мислиме пред се за младите приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ кои одат од врата на врата и навредуваат луѓе од Македонија, без разлика кои се тие и без разлика на нивните политички погледи. Да навредите некој како Златко Ориѓански пред неговата сопруга и три малолетни деца, од кое најмалото било потполно преплашено, и тоа пред вратата на неговиот стан од 34 метри квадратни, навистина ги преминува сите граници. И тоа е крајни дебилно, да си знаете. Идиотски. Кретенски. Тоа не само што нема никаква врска со патриотизмот, туку многу кажува и за нашата (не)култура. Да, Златко е еден од стожерите на современата македонска музика, сакале тоа да го признаеме, или не. Точка. Тој колку има направено за промоција на нашата држава преку неговата музика, толку немаат направено целиот ешалон на ВМРО и СДСМ заедно. Со се ДУИ и ДПА! Ликовите како него се всушност нашите херои, односно културни бастиони, и секој што ќе се обиде да понижи таков човек е отпадник. Олош. Изрод. Багра. Џган!

И што сега? Заборавивте на црвените фломастери и сега ги спремате своите телефончиња и сакате да се играте „херои“ и „предавници“? Е мои Македонци, земја не се сака така што ќе ги каменувате и хулите вашите браќа и сестри. И тоа оние кои сиве овие години не свиткале кичма, не се предале, не подклеклане и не коленичиле пред ниту една власт. Вие во името на патриотизмот правите срамотилаци. Брука.

Македонија. Црно месо. Гној...

Инаку, Златко во интервјуто за неделникот Фокус вели дека се чувствува како силувана жена, која насила ја изгубила честа и дека на неговите деца засекогаш ќе им остане сликата во главата од она што се случило неодамна. „Моите деца ќе го паметат тоа. Вие создавате омраза за следните 50 години. И тие седеа позади врата, онака затскриени, плашејќи се нешто да не ми се случи. Имам мало дете, жена ми го држеше во рака, стоеше од страна и гледаше“, вели Златко во неговото интервју за Фокус. Тој крајно навреден и понижен во шега го додаде и тоа дека нема да се изненади ако реши се што поседува, целокупното негово творештво, да и го препише на Република Франција, бидејќи на Македонија тоа очигледно не и треба.

И сега лесно е и ова да го извадите од контекст и да кажете дека овој човек е предавник. Но прашањето е што сте вие?

Е Македонијо, Македонијо, Македонијо, што ти се случува?!

Робин Худ Џуниор

Фото: Facebook/Златко Ориѓански