Деновиве беше актуелна дилемата дали македонските православни христијани треба да е собираат и да палат коледарски огнови или не.

Од една страна го имаме ставот на владиците на МПЦ според кои бадникарските огнови, а и собирањето на бадниковите гранчиња се пагански обичај и тие се спротивни на црковните обичаи. Некои свештеници (па и владици) дури одат до таму што ги окарактеризираат овие обичаи како варварски, а не пагански, бидејќи според нив коледарските огнови во Македонија датира од 90-тите години на минатиот век, по распадот на бивша Југославија, додека собирањето и палењето на бадниковите гранчиња датира по српската окупација, односно некаде од периодот по Првата светска војна. Според достоинствениците на МПЦ, бадниковите теревенки што ги правиме покрај коледарските маалски огнови се дел од култот кон греаната ракија (ако се дел од овој култ, како можат да датираат од 90-тите?), и немаат никаква врска со црковното предание и божиќниот пост. На тој начин само се уништува убавината и преданието на нашата празнична култура – потенцираат од МПЦ. Но дали е тоа така? Еве што вели нашето предание, односно неколку песни од зборниците на Цепенков и браќата Миладиновци.

Коледица варварица, сива, сива гулабица
долетала од планина, и донесла убаина. 

Коледица варварица, бери пења за вечера
мене ми се вечера, оти пиле ми загина,
од море до море, во царичини дворои.

Царица го нагазила, и цревцата му истурила.
Циу цвиц ми сторило и пилето си умрело.

По битолцќи Кoледица меледица,
и по неа Василица, и по неа дава, дава,
еднаш ни сте во година како цвеќе во градина. 

Збирајте се дечиња, стред село на грејачка,
огон да си палиме, за да се изгреиме,
оти после ќе одиме, Коледа да викаме,
костење да збираме, за Бадник да јадиме,
Божик да го чекаме, и прасе да јадиме. 

Колете, бре селани, дебелите крмнаци,
оти Божик ќе дојдит у селого на гости. 

Олеле, деде, паднало греде,
отепало дете, дедо се влечи,
баба го плачи, и си го теши:

- Молчи ми старче, кусо магарче,
подај ми праче, да не ти к`лвнат,
твоите гурелки. Подај ми камче,
да удрам петле; да не ти к`лвни,
твоите мрсулки. 

Коледарски песни од записите на Mарко K. Цепенков

Она страна оган горит, ветер веит не го силит,
роса росит, не го гасит. Не ми било силен оган,
туку била Ристовата, Ристовата мила мајка.

Го стигнала Риста Бога, Риста Бога малечкаго.
Се шеколкат нешто барат, нема во што да повиет,
да повиет Риста Бога. Се собрале терзиите,
ми исекле десни поли, десни поли на долами
го повиле Риста Бога. Се собрале овчарите,
овчарите, козарите, ивцепиле кавалите,
запалиле силен оган, огрејале Риста Бога.
....

Што е бело на планина, на планина на рудина,
ал е грутка снегоита, ал е пиле лебедово?
Ни е грутка снегоита, ни е пиле лебедово,
тук ми била Ристовата, Ристовата мила мајка.
Го извела Риста Бога, Риста Бога малечкаго
го извела на планина, на планина на рудина.
Се собрале се овчари, се овчари, се козари,
искршиле кавалите, запалиле силен оган
огреале Риста Бога, Риста Бога малечкаго. 

Песни од зборниците на браќата Миладиновци

Тоа значи дека коледарските огнови се палеле многу одамна, а од периодот по 1990 година како што некое денес сакаат да ни прикажат (!). Е сега дали ова го прават од незнаење, или од некои други намери (?), нема да навлегувам подлабоко, но факт е дека коледарските огнови како обичај потекнуваат од многу постари времиња, а тоа значи дека се дел од нашето културно наследство кое МОРАМЕ да го почитуваме и да го негуваме. Народ без културно наследство и кој не го познава своето минато, нема ни иднина. Точка.

Искршиле кавалите, запалиле силен оган ...

Што се однесува до тоа како треба да се однесуваме и како да ги практикуваме нашите обичаи, секако дека тие треба да бидат прилагодени со нашата црковна традиција. Односно бидејќи станува збор за посен период, празникот не треба да се помине во печење колбаси и изобилство од ракија, но всушност тоа и ни го кажуваат и самите песни. Во нив се вели дека дечињата треба да се соберат и да се загреат на огнот, пред да тргнат и да ги пеат коледарските песни, односно да соберат костени оревчиња и други подароци кои ќе ги јадат на Бадник, па Божиќ да го чекаат и печено прасе да јадат (што значи откако ќе помине постот!). Ако влеземе малку подлабоко во песните, ќе видиме дека во народното предание нема ништо што е спротивно со христијанската традиција и дека самото палење на огнот народот го правел за да се потсети и во чест на христовото раѓање, но скромно и христијански, без никаква помпезност и теревенки, потсетувајќи се на Божјите заповеди, постот, исповедта, како и на причестувањето со телото и крвта Христови кое следува по Бадник и божиќната литургија.

Токму и затоа нека биде ова еден апел од мојата маленкост, наместо да ги згаснеме овие божји огнови, решението да го побараме онака како што тоа го правеле нашите предци. Сепак, на крајот од денот, ова треба да биде најубавиот христијански празник (нешто што би сакал секој странец да го види и да го прослави заедно со нас покрај светиот оган!) а не причина за карање и оддалечување од нашата традиција и нашите верници. Па затоа ајде да го направиме еден од најубавите празници , на кој цел свет ќе му се радува.

А нашата традиција, тоа е она што сме ние. А ние, ние верниците, ние сме црквата, а таа без нас е само градба од бетон, дрво и камен!

Па, мир Божји Христијани, Христос се роди!

Робин Худ Џуниор

 

barate


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

Види Повеќе

Есенски Трендови 2016

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com

 

ШТО МИСЛИТЕ ЗА ОВА?