Веќе неколку години е на релација Љубљана-Скопје, модната дизајнерка која дизајнира под името Евгенија Зафировска. 

EVZ

Евгенија е родена во Скопје во 1992 год, а дипломираше на Факултетот за дизајн во Љубљана, насока моден дизајн. Во периодот на своето студирање има учествувано во многу модни ревии, списанија, изложби, саеми и настани, како што се Зона 45 Загреб, Хајмтекстил Франкфурт, 2RE Словенија, БАФЕ Белград и сл. Нејзините форми во дизајнот на облека и додатоци се силни и прочистени. Тие се направени за суверени жени и за оние кои не се плашат да бидат различни, во потрага по нешто ново и свежо.

Од кога постои желбата Евгенија да стане моден дизајнер?

Модата е во моите гени. Предиспозицијата е едно, но љубовта кон модата е движечката сила која ме води. Мојата баба беше костимограф и од малечка бев опкружена со материјали, конци... На почетокот на средното училиште изработував накит, подоцна бев окупирана со складноста на боите и дезените, следеше прекршување на модните правила што беше пресудно да ја истакнам својата уникатност во работењето и создавањето. Модата е уметност. Се создава едно модно парче и потоа секое наредно е различно, нималку слично на претходното. Сето ова прерасне во желба да заминам на студии надвор од нашата држава.

EZ4

„Mодната фела и критичарите се строги кога станува збор за афирмација на нови модни имиња. Тоа не ме плаши, напротив-ме стимулира уште повеќе да се дадам себеси на професионален план.“

Што е она што секојдневно те мотивира? Од каде ја црпите инспирацијата?

Инспирација најчесто ја црпам од архитектурата. Првото парче што го изработив на почетокот на студиите ми беше дел од модерната архитектура во Дубаи ,а за магистерската колекцијата сум инспирирана од стилот и архитектурата на Кензо Танге. Во креирањето го вклопувам мојот карактер, идеите и ставот. Се стремам кон тоа секое модно парче што ќе го изработам да е уникатно, трајностно и секако вистинското модно парче е безвременско. Тоа е она што ме води, црвената нишка во мојата креативност.

Како дизајнер веќе некое време си присутна и на меѓународната сцена, каде во моментов можат да се најдат твоите колекции?

Неодамна започнав соработка со бугарскиот бренд Von Goldenburg и ја претставив својата последна колекција ,,Bianco,, во Пловдив, Бугарија. Колекцијата беше презентирана во резиденцијата „Алхемичарот“ во Белашица. Манекенките дефилираа во 15 креации, префинети фустани и костуми од висококвалитетни природни материјали со акцент на облиците на женското тело. Во 2017 година евидентна е зголемената побарувачката по што поголема општествена и еколошка одговорност. Имајќи го сето тоа во предвид, Von Goldenburg одлучи претставувањето на новата ready-couture да биде решението за сите побарувачки, проблеми и спротиставување на масовното производство.Свесни за проблемите во модната индустрија брендот Von Goldenburg поттикува радикални промени, купувачите да бидат свесни дека за нивната облека има лице кое е творец на истата и кое на тоа парче облека потрошило време и труд. За таа цел, на нивна покана, развив 15 креации. Моделите се достапни во продавницата на Von Goldenburg во Пловдив, online на vongoldenburg.com ,а кај нас се достапни по нарачка.

Дел од колекциите што ги дизајнирам под своето име се достапни во Public room.

EZ1

Што е потребно да се позиционираш и да успееш на светската сцена? Колку тебе ти е амбиција тој пробив надвор?

Претставување на меѓународни манифестации е голем предизвик токму од аспект на одмерување на модните сили и конкуренција. Секој дизајнер го претставува својот моден стил, својата уметност во себе и имагинативност. Не ме плаши конкуренцијата па дури мислам дека бев во предност, особено со колекцијата која ги претставуваше македонските традиционални мотиви. Светот е фасциниран од боите, рачната изработка на детаљите и јас лично сум горда на тоа. Да се изработи едно дизајнерско уникатно парче кое ќе има мој препознатлив белег значи визија, труд и работа и секако претставување на бројни манифестации од таков карактер. Модната фела и критичарите се строги кога станува збор за афирмација на нови модни имиња. Тоа не ме плаши, напротив-ме стимулира уште повеќе да се дадам себеси на професионален план.

Што е она што секоја девојка мора да го има во својот плакар?

За ненаметлив, а исклучително префинет и софистициран стил ви е потребен уникатен црн блејзер, класичен мантил, безвременска чанта која се прилагодува на вашите парчиња и класична црна подпетица за изгледот да е целосен. За доза на лежерност и непосредност потребни се памучни маички и кошули, модифицирани верзии на кошулите се особено актуелни и во уличната мода. Спојот на различни структури, транспарентни материјали, асиметрија, џинс, пенсил здолништа, ќе доминираат во 2018 година.

EZ1

Кои се твоите планови во иднина? Што може следно да очекуваме?

Претставување на магистерската колекција ,,Архитектура во движење“ за која бев инспирирана од Кензо Танге и поврзувањето на модата и архитектурата. Развивање на нови колекции за брeндот Von Goldenburg, проекти поврзани со трајностната мода и колекција за најмладите.

ez3

Што се однесува до соработката и презентирањето на моите модели сакам да се презентираат и кај нас, но секако дека искуствата кои досега сум ги имала и надвор од државата допринеле да имам поширока визија за моите идеи. Иако повеќе време поминувам надвор од нашата држава поради студиите и учествата на различни манифестации сепак инспирацијата ја црпам и од македонската култура. Најубавата презентација е кога си меѓу своите.

Разговараше: Ивана Крстеска

barate

 


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com

 

ШТО МИСЛИТЕ ЗА ОВА?