Краток разговор со новинарот Васко Маглешов

Васко Маглешов e дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност  (студиите ги заврши на Филолошкиот факултет Блаже Конески со просек 9.89), а магистрираше европски интеграции на скопскиот Филозофски факултет (и овој просек е тука некаде, односно само 9.87!). Неговата кариера како новинар започнува во телевизија Сител и тоа во времето кога важеше за ударна тупаница во пропагандата на претходната власт, но го гледавме и како водител на телевизија 24 Вести кога овој медиум беше еден од ретките кој во етерот зрачеше слободно и објективно новинарство. Денес, неколку години подоцна, за неговото име и за неговата новинарска работа почнаа да се врзуваат само епитети, па не случајно токму со него решивме отворено да позборуваме за неговото искуство како новинар, но и за болната тема - состојбата на новинарството во Македонија воопшто. Целиот муабет го зачинивме и со неколку прашања поврзани со книгите и филмот, но и со прекрасните фотографии на Ерина Богоева, а воедно го искористивме и за да ви го презентираме новиот македонски бренд Factory. Имено Васко носи тренди маици од овој бренд со натписи „Revolution“ и „No bed Energy“ кои случајно се вклопија и во оваа наша петминутна приказна ...

Како започна твојата приказна со новинарството?

Спонтано. По дипломирањето, пријател ми предложи да се појавам во ТВ Сител, за ангажман во утринската програма. За две и пол години, од репортер, преминав во водител и уредник на утринскиот магазин „Журнал“. Потоа бев ангажиран во подготовка на утринските и пладневни вести. Од таму, продолжив во 24вести, како презентер и соработник во емисија за култура. Од менаџментот на новоотворената ТВ21 ми беше понудена позицијата уредник на информативна програма, a бев водител и на дебатна емисија. Соработував и со порталот за правосудство „Сведок“, а моментално сум ангажиран во новинската агенција Макфакс.

Бевте дел од Сител кога оваа телевизија беше ударна тупаница за пропагандата на претходната власт. Што е она што денес, како инсајдер во новинарскиот занает, односно како некој што работел во оваа телевизија, го доживувате кога ја гледате нивната информативна програма?

Ретко гледам телевизија, поради фактот што работниот ден ми поминува во луда флуктуација на информации. Веќе напладне знам како ќе изгледаат вестите навечер. Во контекст на прашањето, кога таа телевизија беше клучниот гласник на власта, јас до поднесувањето отказ, се опонирав. Колегите можат да посведочат дека на пладневните вести, на пример, на кои ретко се инсистираше да одат прилози како нарачки, не стоеше мој потпис. Барав од инскрајберистот да го тргне. Инаку, не само Сител, туку речиси сите телевизии продуцираат празна програма. Факт е дека има сè повеќе телевизии, а сè помалку гледачи.

Постои ли објективно и професионално новинарство во Македонија?

Иако е застанато долги години во ембрионална фаза, да. Постојат колеги кои стоички ја издржаа тиранијата на лошото владеење и не потклекнаа на уцените. Лично сметам дека новинарството не е и не треба да биде објективно. Тоа е субјективно, по својата природа, бидејќи мора нешто лично да го заскокотка новинарскиот сомнеж, за да прочитате или видите квалитетна новинарска приказна. Тоа е како во анегдотата кога наместо да правите интервјуа и од изјавите да дознаете за тоа какво ќе биде времето утре, да отворите прозорец. Професионалноста е друго прашање и тука нема дилема. Треба да се чујат сите страни, да се внимава на точноста и етичноста при собирањето и пласирањето информации. Во оваа насока и Орвеловата флоскула дека новинарство е она што некој не сака да биде објавено. Сè останато е односи со јавност.

„Речиси сите телевизии продуцираат празна програма. Факт е дека има сè повеќе телевизии, а сè помалку гледачи“

Новинарите треба да работат да го вратат угледот на професијата, но и солидарноста помеѓу колегите. Но како проблемите во медиумите да се ускладат со побарувањето на пазарот? На интернетот се уште нема доволно пари, а и голем број весници се затвораат. Не треба да ги заборавиме и медиумите кои во последно време се мошне присутни во етерот, а ги финансираат разноразни фондации, како и медиумите кои до вчера опстојуваа под капата на поранешната власт и чија иднина во моментов е мошне неизвесна. Па, дали воопшто можеме да зборуваме за независно новинарство кое би можело да функционира исклучиво според економските принципи и дали таквата поделеност, конфронтација на медиумите не се одразува и ја поттикнува и поделеноста во општеството?

Нема независно новинарство без решени економски прашања, кои ќе осигураат економска самостојност на новинарите. Новинарството, и воопшто работата во медиумите е една од најдерогираните професии во државата. Таман работа медиумите да бидат единствени. Тоа не е холдинг за да функционира унифицирано. Различноста во уредувачките политики и програмските содржини овозможува конкурентност и секако инклинира кон повисоки стандарди.

„Самоодржливоста на медиумите во Македонија е Пандорина кутија“

Но, новинарството не треба да живее ниту од фондовите во НВО-секторот, ниту пак од било која политичка партија, туку од публиката. Што мислите, што е она што најмногу ја интересира нашата публика?

Парите од маркетиншкиот колач, кои според моите информации за минатата година достигнале едвај 17 милиони евра, се доволно за рентабилно да работат 3 до 5 медиуми. Алудирам на целосна професионализација. Самоодржливоста на медиумите во Македонија е Пандорина кутија. Судејќи по рејтинзите за гледноста, за кои имам сериозна резерва, мнозинството македонски гледачи сè уште се закачени на серии, нискобуџетна утринска програма и одвреме-навреме, некоја дебата. Но, тоа е и за очекување. Кога повеќе од една деценија ќе го интокцисирате аудиториумот со вакви содржини, природно е публиката, тоа и да го очекува. Помал дел гледаат странски медиуми, серии, документарна програма.

„Најубавиот коментар кој го слушнав од една повозрасна госпоѓа е дека со моите часови по танцување, бришам години од нејзиниот живот“

Што мислите зошто ниту една политичка партија во својата програма, ниту пак новинарско здружение, не се залага да добиеме канал кој е специјализиран само за култура, наука и образование, односно наместо собраниски канал на јавноста да и се даде програм кој апсолутно ќе ја задоволи јавната функција која што МРТ  (треба да) ја има? 

Да, културата е или по вестите од светот, или до некролозите во оние неколку весници што останаа. Ако во западните земји, има новинар кој е специјализиран, да речеме, за музика, тој е музички новинар и се занимава со најситните финеси на оваа уметност, кај нас нема редации за култура, или кај оние малкуте, тоа е човек-редакција. 

„Книги што ова лето мора да ги прочитате се романот „Срамота“ од Џон Куци и „Бетонска ноќ“ од финската режисерка, Пирјо Хонкасало.“

Мора многу, многу да се работи за да се врати културата во фокусот на медиумите, но не само во форма на стерилен дневен извештај за изложба или промоција. Не паметам од кога не сум видел режисер на интервју со подготвен водител.

Голем љубител сте на пишаниот збор. Кој е вашиот омилен писател?

Не можам да градирам по омиленост само еден, затоа што има многу. Тука во прв план се книжевните слонови на 20 век: Томас Ман, Вирџинија Вулф, Џон Куци, Херман Брох, Јукио Мишима, Роберт Музил...

Книга или роман кој би им го препорачале на нашите читатели за ова лето?

Не читам воопшто белетристика, но мои срдечни препораки за вашите читатели се: Романот „Срамота“ од Џон Куци и „Бетонска ноќ“ од финската режисерка, Пирјо Хонкасало.

Меѓу другото пишуваш и филмска критика. Месечникот за филмски рецензии повеќе не излегува. Зошто?

Поради немање пари. Излегоа три броја и запревме. Рецензиите ги пишуваме без хонорари, но беа потребни средства само за печатење. Но, на мое огромно задоволство, од месецов списанието повторно излегува како додаток во весникот „Слободен печат“.

Покрај работните обврски се наоѓа ли време за други активности?

Гледам да бидам барем трипати неделно во теретана, зашто тоа ми е вентил за опуштање. Инаку, изминативе три месеци на покана на мој пријател, предавав класични и латино-танци во „Академијата Рекреатива“. Најубавиот коментар кој го слушнав од една повозрасна госпоѓа е дека со моите часови, бришам години од нејиниот живот.

Кои се твоите планови за во иднина?

Да брзам бавно во пишувањето на романот. Размислувам за упис на докторски студии. Во меѓувреме, го консумирам животот со сите марифети.

 

Фотографиите се со потписот на Ерина Богоева, а Васко на нив носи маици од новиот македонски бренд Factory кои можете да ги видите тука >>

Подготвил: Робин Худ Џуниор

barate


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com

 

ШТО МИСЛИТЕ ЗА ОВА?