Кога ја почнавме оваа рубрика посветена на македонски креативци, веднаш знаевме дека сакаме да ги запознаеме и да ги претставиме луѓето кои стојат зад брендот Pastello.

Pastello е креативна компанија со седиште во Куманово, а нејзините основачи за неа велат дека е „основана од страна на луѓе со иста идеја и визија, и луѓе со иста цел, а тоа е да произведуваме безвременски, уникатен и одржлив дизајн на осветлување“. И оваа компанија го нуди токму тоа- различни видови расветни тела и дизајни од прекрасно дрво. Тие даваат комплетно креативен осврт на секојдневните идеи за внесување на светлост во домот.

Дизајните на Pastello се достапни онлајн на www.pastello.mk или во нивниот салон во Скопје (кликни тука за нивната Фејсбук страна), а ние денес позборувавме со Миа и Дарко за нивната понуда и нивните искуства како креативен бренд кај нас.

Како дојдовте до идејата за да правите уникатни расветни тела?

Тргнавме во потрага по уникатно осветлување, а наидовме само на стандардизирани увозни лустери и ламби. За наша среќа Македонија изобилува со високо квалитетно дрво. Составивме тим од искусни мајстори на кои им дадовме еден нов и модерен правец во начинот на производство. Нашата визија стана реалност. Добивме осветлување со карактер.

Од што најчесто црпите инспирација за дизајни?

Инспирацијата и креативноста ја добиваме од сите страни, од разни природни и индустриски форми. На секој производ му посветуваме многу време и љубов. Секое парче рачно се обликува, составува и финишира се додека не се добие првично замислениот модел. Секоја ламба си има своја приказна. Секоја ламба си има и свое име. 

„Нашиот Џепето прави лустери и ламби кои што оживуваат кога ќе ги вклучите во струја“

Секоја ламба си има свој карактерни особини и носи некоја емоција со себе. Една е нежна и едноставна, друга е остра, груба и упадлива. Една ќе внесе топла и пријатна атмсфера, друга ќе предизвика возбуда и забава во Вашиот дом.

Како ви оди процесот- од идеја до финален продукт?

Можеби нашата приказна ќе Ви звучи познато, и ќе Ве потсети на приказната за Пинокио. На мајсторот Џепето му недостасувало дете па си направил дрвена кукла која што подоцна оживува. И кај нас, секое парче рачно се обликува, составува и финишира се додека не се добие првично замислениот модел. Нашиот Џепето прави лустери и ламби кои што оживуваат кога Вие ке ги вклучите во струја.

Дали имате некое парче кое Ви останало омилено?

Дали еден родител има омилено дете?

Нашите клиенти си имаат свое омилено парче. Постојат повеќе нарачувани и помалку нарачувани модели, но на нас сите ни се омилени. Моментално имаме околу 70 модели на осветлување од секаков вид, столни, подни, ѕидни ламби и лустери. Сите наши модели можат да се редизајнираат и изменат во форма, големина и боја. Ние ја цениме и креативноста на нашите клиенти па затоа нудиме модели врз основа на Ваша идеја или нацрт.

Како е да се гради име и бренд кај нас според вашето искуство?

Сите луѓе сакаат новитети и предмети кои им го прават животот повозбудлив. Ако имате чисто зацртана цел и визија ако предизвикате емоција кај купувачот, тогаш остатокот од задачата е лесен. Градењето на бренд е една интересна авантура.

Фото и текст: Ерина Богоева

barate

loading...


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com

 

ШТО МИСЛИТЕ ЗА ОВА?