matte

Роберт Ивановски е моден дизајнер кој на нашата сцена е најпознат по неговиот умерено мрачен, но секогаш авангарден стил.

Неговиот уникатен стилски печат ги прави неговите парчиња лесно препознатливи и уникатни. Тој успешно ја доловува женственоста, но и машкоста низ своите креации, давајќи воедно и доста сексипилен осврт на модата.

Роберт е дипломиран моден дизајнер (на Факултетот за Арт и Дизајн во Скопје) и има 8 колекции зад себе ( „Broken Mirrors” ,„R” ,„Street Tribe, „Edgeplay” , „Toreo” , „Wounded” , „Feelings” и „R8”), како и седум учества на Модниот Викенд во Скопје. Тој до сега има учествувано на различни проекти како: Биенале на малди уметници, “Queen’s Day” – Проект во чест на Холандската кралица Беатрис – организирано од страна на Амбасадата на Холандија во Р.М., проект "Jazz & Fashion" - организирано од страна на Амбасадата на САД во Р.М, ревија во Амбасадата на Шпанија во Р.М, неколку хуманитарни проекти.

Со Роберт Ивановски кратко поразговаравме за неговата последна колекција „R8“, за неговиот однос со модата и како е да се создава мода кај нас.

Што значи модата за тебе?

Модата претставува начин на изразување на својот идентитет без да изговорите ниту збор. Преку облеката и начинот на кој ги комбинирате парчињата, рефлектирате на тоа кои сте вие како личност. Модата е начин на живот кој тешко може да се опише со зборови, но, доколу би требало да одберам тоа би биле: „имагинација, иновативност и фантазија” .

Од каде најчесто црпиш инспирација?

Најчесто инспирацијата доаѓа од околината во која се наоѓам, луѓето кои ме опкружуваат, музиката, уметноста, архитектурата, тишината...

Кои ти се омилен дизајнер и модна икона во моментов?

Постепено низ годините се менува вкусот и начинот на размислување, па така се менуваат и омилените ликови од модниот свет. Не би можел да издвојам еден дизајнер кој ми е омилен, но ја сакам работата на Riccardo Tisci, Rick Owens, Аlexander Wang , Gareth Pugh... Покрај незаменливите David Bowie, Grace Jones и Brigitte Bardot, во моментов Rihanna е мојата модна икона, која ме воодушевува со секоја нејзина оригинална и уникатна појава.

Како е да градиш бренд и име кај нас?

Потребно е премногу труд, љубов, истрајност и оригиналност во тоа што го работиш. Не само кај нас, било каде да си во светот.

Како би ни ја опишал твојата последна колекција?

Колекцијата е инспирирана од урбаната култура од 90те години на минатиот век, односно од музиката, модата и начинот на живот во таа декада. Црната и белата боја се доминантни во линијата, вклучувајќи разновидни парчиња и силуети, со многу волумен, текстура и меки влакна. Можам да кажам дека R8 e урбана, младешка и конфортна колекција.

Фото и текст: Ерина Богоева

 

 

barate


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com