Ирина Тошева е име кое што често се слуша во нашите модни кругови и пошироко- а има и зошто! Редовно е присутна на пистите на Модниот Викенд Скопје и на модните настани во регионот, со колекции кои добиваат само позитивни критики.

„Оваа птица била благослов, но и носител на несреќа на оној кој ќе ја фател. Сите во животот имаме по некоја своја жар птица, па нејзината потрага е пресликана во мојата нова колекција.“

Ирина креира нослива, жива, младешка но, никако наивна, мода што може да се носи во скоро сите прилики. Иако е исклучително талентирана во тоа што го прави, тоа не е нејзината единствена силна страна. Таа е и хуманитарец посветен на кампањи за помагање како на луѓето, така и на животните. Овој пат со Ирина Тошева позборувавме за нејзиниот нов настап на Модниот Викенд, за нејзините креативни соработки и идни планови.

Ова ти е десетта, јубилејна,  ревија во склоп на Моден Викенд Скопје. Како ја доживуваш оваа модна традиција?

Континуитетот ми е важен. Моден Викенд Скопје е единствена модна платформа кај нас. Ми помага да ја презентирам мојата работа, но и за комуникацијата со колегите и колешките, надградбата со различни обуки и проекти и можности за нови соработки.

Што може да очекуваме од новата колекција?

Колекцијата е мало резиме на мојата досегашна работа. Инспирирана е од жар птицата како мотив од приказните од словенскиот фолклор. Оваа птица била благослов, но и носител на несреќа на оној кој ќе ја фател. Сите во животот имаме по некоја своја жар птица, па нејзината потрага е пресликана во новата колекција.

Препознатлива си по модните соработки со различни македонски креативци како сликарот Ване Костуранов, архитектот Никола Кунгуловски и други. Колкав предизвик е тоа?

Често соработувам со креативци од различни сфери, со цел идејата да се изрази низ различни медиуми, станувајќи појака и посилна. Во овие моменти клучна е довербата меѓу соработниците која несомнено води кон успешен проект.

Освен активностите со „Млади за љубов“ и „Гратис гушкање“ активна си и сама со добротворни акции. Која ти е последната кампања?

На вчерашниот Вегефест со „Ла Дама“ го промовиравме донаторскиот проект посветен на животните. Се работи за хулахопки за деца и девојки. 30% од сумата од секој купен пар е донација за бездомните животни. Искрено се радуваме на огромниот интерес.

Што ти се плановите после Модниот Викенд?

По ревијата целосно се посветувам на подготовките на фотографската приказна со мојот тим. Потоа со Никола Кунгуловски, мојот соработник за минатата колекција „Риза“ заминуваме за Москва каде што ќе бидеме дел од „3Д Принт Експо“ и зборуваме за користењето на 3Д технологиите во секојдневната мода.

Текст и фотографија: Ерина Богоева

barate


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com

 

ШТО МИСЛИТЕ ЗА ОВА?