Новата колекција на Јована Филиповиќ го спојува квалитетот со безвременската елеганција, а удобноста со софистицираниот шик изглед.

Ова се клучните модни принципи со кои се зачинети моделите на една од најдобрите македонски модни креаторки од помладата генерација која секогаш го пронаоѓа патот до совршениот баланс помеѓу софистицираниот и минималистички стил, но и помеѓу женствените парчиња проткаени со кроеви произлезени од машките плакари. Јована до овој принцип верно се држи во неколкуте последни колекции, а нејзината препознатлива и по малку еклектична формула секогаш дава совршени дамски парчиња. Тие изгледаат апсолутно модерно и потполно во рамките на современите трендови, но и на оние кои важат за вечни класици на кои не им минува времето. Ваквата тенденција можеме да ја видиме и во нејзината последна колекција за есен- зима 2018 за која самата вели дека е инспирирана од познатиот француски дизајнер и артист Роман де Тиртоф кој стои зад познатиот бренд „Ерте“.

Колекцијата на Јована ќе и се допадне на секоја жена која држи до својот стил и ги следи трендовите, но и која сака квалитетна облека, која овој пат е направена од квалитетни и природни материјали како свила, памук и волна, вешто комбинирани со кадифе и полиестер.

Нашата позната дизајнерка успешно ги спои минималистичките, но и провокативните кроеви со класичните дизајнерски решенија, а повеќето модели можете да ги носите како преку ден така и навечер, без разлика дали живеете со забрзано темпо во животот или ви претстојат моменти во кои се што сакате и да изгледате привлечно и да се чувствувате удобно.

Од нејзините фустани, па се до здолништата со висок струк, елегантните панталони и панталоните–килоти, мантилите и блејзерите, сите модели дефинитивно можат да им парираат и на најголемите светски дизајнерски имиња, а со повеќето од нив можете да направите и фантастични комбинации за празничниот период што ни претстои.

Колекција преставува фантастичен спој на женствените и машките кроеви, креативно остварени во парчиња што се издигнуваат на нивно на кое многу лесно можете да бидете во чекор со најсовремените светски трендови, па дури и со оние што ќе бидат хит следната сезона. Впрочем на истите им се поклонуваат и најпознатите трендсетерки, а се создадени под палката на најголемите дизајнерски имиња. И како што секоја колекција има свој печат, така и храбриот сексапил преплетен со едноставни, рамни линии наспроти драматичните, асиметрични кроеви е нешто што можеме да го следиме речиси во сите досегашни колекции на Јована, кое што овој пат дизајнерката го доведе до совршенство.

Таа повторно поигрувајќи си со кратките здолништа, длабоките и впечатливи деколтеа во „V“ израз и фустаните со отворен грб ги нагласува совршените линии на женското тело на еден префинет начин, истакнувајќи ги девственоста, убавината и сексапилот до максимум.

Дизајнерката ги комбинира различните материјали и дезени и создава одличен моден спој и решенија кои без проблем ќе не телепортираат во центарот на вниманието.

Што се однесува до боите, во колекцијата преовладува широк спектар од монохроматските, до суптилните нијанси, а доминантни се црната, сивата и сребрената, како и „колор-блокингот“, но и дезенираните и светкавите материјали.

Како и да е, сигурни сме дека што и да изберете ќе изгледате моќно и провокативно, но воедно и нежно, романтично, модерно и крајно женствено. И тоа без премногу детали бидејќи со ваква облека најдобро е да го следите правилото „помалку е повеќе“. Потребни ви се само добри високи потпетици, децентна шминка и едноставна фризура и ќе заблескате со полн сјај, а тоа дефинитивно важи и за најлудата ноќ во годината.

Фото: Ани и Дими

barate

 


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com

 

ШТО МИСЛИТЕ ЗА ОВА?