И додека сите анализираат каков ќе биде Доналд Трамп како претседател, модните магазини се занимаваат со нешто друго – облекувањето и стилот на новата Прва дама на Америка.

Многу дизајнери искрено се разочарани од изборот на Доналд Трамп за претседател на Америка пред се поради неговите навредливи ставови кон малцинствата и жените. Поради тоа тие се во недоумица и кога станува збор за Првата дама и се прашуваат дали соработката со Меланија Трамп значи и согласување со ставовите на нејзиниот сопруг. Некои пак отидоа до таму што јавно истапија и кажаа дека нема да ја облекуваат.

Најгласна меѓу нив е дизајнерката Софи Теалет која во изминативе 8 години секогаш радо ја облекуваше Мишел Обама.

Софи отворено изјави дека нема да ја облекува Меланија Трамп поради расистичките, ксенофобичните и сексистичките изјави на нејзиниот сопруг, кои се сушта спротивност на сето она што го претставува нејзиниот бренд. Или барем таа така мисли.

Оваа позната американска дизајнерка ги повика и другите дизајнери да и се приклучат и да протестираат против претседателот од кој се срамат.

Но, познатата дизајнерка Каролина Херера на нејзините и сличните изјави одговори мошне прагматично: „Сега се подигна голема прашина, но за неколку месеци, кога работите ќе се стишат, ќе видите дека сите ќе ја облекуваат првата дама“. Со ваквиот став се согласува и Маркус Веинрајт, дизајнерот на Rag&Bone според кој изјавите дека нема да ја облекуваат Меланија се лицемерни. „Ако се противиме на ставовите на Доналд Трамп и поради тоа не сакаме да ја облекуваме неговата сопруга, тогаш сме исти како него“ вели тој.

Што се однесува до Меланија пак таа премногу не се грижи за ставовите на некои дизајнери кои се почесто можеме да ги прочитаме низ медиумите. Таа за време на претседателската кампања блескаше во креациите на Ralph Lauren, Gucci, Fendi, Dolce & Gabbana и Michael Kors кои сама ги избира и купува и во кои на крајот на денот изгледаше фантастично. И тогаш никој од дизајнерите не се бунеше заради тоа, секако!

Па, се надеваме дека во најблиска иднина ќе видиме дали и Меланија ќе одговори на ваквиот бојкот и кои дизајнери ќе ги избере за да го обележат нејзиното време во Белата куќа. Можеби ќе се одлучи и за некој од дизајнерите од овие простори (мислиме на српската дизајнерка Роксанда Илиниќ чија креација веќе носеше во текот на претседателската кампања) или пак за дизајнерите кои и сега отворено ја поддржуваат. Таков е на пример креативниот директор на познатиот бренд Moschino кој изјави дека Меланија одлично изгледа, има убаво тело и знае како да носи облека. Ние 100 % се согласуваме со него и со неговиот став.

Вие?

(vanityfair.com)

barate


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com

 

ШТО МИСЛИТЕ ЗА ОВА?