Македонската православна црква денес го одбележува големиот верски празник Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица

Ова е еден од најзначајните празници посветени на пресвета Богородица. Токму затоа народот овој празник го нарекува уште и Голема Богородица. Во македонските цркви и манастири можат да се сретнат прекрасни претстави на настанот што црквата го слави. Обично се наоѓаат над влезната западна врата на црквата. Инаку, самиот збор успение значи заспивање; поинаку кажано, не се слави смртта, туку вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта. Се слави нејзиното заспивање, бидејќи таа не помина низ смртта како враќање на правот на правот. Веднаш по нејзината смрт таа е земена на небото во Христовите прегратки, вознесена е заедно со телото и станува прв и најголем застапник на луѓето пред Бога. Според црковното предание, Богородица го завршува својот живот тивко и мирно без никакви болести и страдања и по смртта на нејзиниот син Господ Исус Христос, таа честопати се молела заедно со апостолите Господ Бог да ја земе нејзината душа и да ја пресели на небото. Доживеала длабока старост. За време на една молитва во Леонската Гора, светиот Архангел Гаврил и' се јавил и и' рекол дека за три дни ќе се пресели од овоземниот во небесниот живот. Таа му ја кажала веста на свети апостол Јован, кој, пак, требало да се грижи за неа до крајот на нејзиниот живот. Свети апостол Јован ја објавил веста, која бргу се проширила и сите доаѓале кај Пресвета Богородица да и' оддадат почит додека се' уште е жива. Сево ова се случувало во куќата на светиот апостол Јован каде што Богородица му ја предала својата душа на Господ Исус Христос. Била опкружена со голем број ангели и архангели. Се создал шум и голем облак, а пристигнале сите апостоли да и' оддадат чест. Меѓу нив не бил само светиот апостол Тома, по божја промисла. Тој бил далеку од другите апостоли, бидејќи го проповедал христијанството. Богородица првин легнала на одарот и во тоа време во целосна светлина дошол Господ Исус Христос, а таа станала и рекла: „Душата моја го велича Господа и духот мој се зарадува во него“.

Веднаш потоа повторно легнала и заспала.

Кога Пресвета Богородица им се јавила на присутните во својот гроб, во нејзина целосна слава и величина, тогаш тие поверувале дека таа од ангелите божји е воздигната од земјата на небото во придружба на голем ангели и архангели, серафими, херувими и светители. Тоа е преминот од земното кон небесното царство, односно од земниот кон вечниот живот.

Празникот Голема Богородица се издвојува и како празник за жени и деца. Во некои краеви на нашата земја се верува дека периодот помеѓу двете Богородици, Голема и Мала, која се слави на 21 септември, најдобро е да се бере лековите билки кои лечат заразни болести. За празниците Голема и Мала Богородица обичај е, особено жените, да ги почитуваат поголемиот број забрани кои се однесуваат на извршувањето домашни обврски. На верниците, особено на жените им се препорачува утре да не чистат, перат и да ги завршуваат домашните обврски.

Исто така, утрешниот ден не е добар за отпочнување на нови работи.

 

barate


Booking.com