Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов конечно му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Лидерот на СДСМ за да го добие мандатот мораше да му даде документ со кој ќе гарантира зачувување на унитарноста на државата. Новиот мандатар го објави текстот од изјавата за гаранциите со кои беа отстранети пречките за доделување на мандатот од страна на Иванов. Во изјавата се дадени гаранции во четири точки, кои ги објавуваме во целост.

1. Гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија.
2. Гарантираме заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија.
3. Гарантираме заштита на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани, без оглед на етничката, религиска и јазична припадност.
4. Гарантираме дека процесот на носење на одлуки за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото, недоведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава.

Ниту еден документ, платформа, декларација, акт или дејствие кои би биле спротивни на погоре наведените ставови, не можат да бидат услов ниту основа за формирање и дејствување на Владата на Република Македонија, се вели во изјавата со гаранции потпишана од претседателот на СДСМ и нов мандатар Зоран Заев. 

Инаку, ваков документ досега никогаш не бил побаран од ниту еден мандатар во нашата земја, односно ова е прв пат мандатарот да потпишува гаранции дека нема да ги наруши највисоките државни и национални интереси. Е сега останува отворено прашањето (се надеваме не за долго) дали воопшто беше потребно ваков преседан и циркус од страна на некои политичари, кој за малку можеше да заврши многу кобно за граѓаните на Македонија?

 

barate


Booking.com