Конти го нема случајно добиено ова име.

kucence1

Тој е најден во контејнер и за жал мораше да помине долга борба за да преживее, но со помош на хуманите луѓе Конти успеа да се спаси! Сестра Февронија од манастирот во Дојран го згрижи во најтешките моменти од неговиот живот, а подоцна Драган Димитријевиќ од Белград донираше и количка за ова весело кученце, кое сега спокојно живее во манастирот и се радува на животот. Еве што вели сестра Февронија којашто го најде и спаси кученцето:

„ Го видов пред една година на 6 мај како мало кутре од 2-3 месеци под еден контејнер. Ги правеше истите тикови со нозете како и сега, но можеби плус се тресеше и од страв. На почетокот ниту не сфатив дека прави тикови, мислев дека само се тресе од страв. Еден сосед помина и го прашав дали знае чие е кутрето. Не знаеше, но ми рече дека штом така се тресе, најверојатно умира. Помислив, штом е така, барем да го тргнам некаде на страна да не го задеваат други животинки во најтешкиот момент. За ветеринар не размислував бидејќи тука нема амбуланта, а додека да стигнам до некој град каде има, веќе ќе биде мртво. Кога му се доближив со мене дојде и сегашната му другарка, црната кучка Мирна. Тој се исплаши од неа и потстана и почна да лае. Тогаш сфатив дека во него има живот и дека се уште не е време за умирање. Го земав со мене во двор и му дадов да јаде. Јадеше како прегладнет, но тогаш видов и дека има проблем со нозете. Го однесов на ветеринар, кај сегашната му матична докторка Кате Ковачева, која и тогаш и сега од се срце му помага“, вели сестра Февронија. Таа додава дека со тест заклучиле дека е повреден во рбетот и дека од повредата му се раздвоени три пршлени. Поради повреда на нервите поврзани со нозете прави тикови и не може да ги исправи колената. На почетокот кутрето само ги влечело нозете но по терапијата на докторката Кате тие успеале значајно да му ја подобрат ситуацијата и да почне барем делумно да ги користи нозете.

kucence1

„И психичките трауми беа преголеми. Кога заспиваше во сон го проживуваше моментот на траумата. Во сон широко ги отвораше очите и цел се вкочануваше и се тресеше цвилејќи истовремено како да трпи физика болка. Прво мислевме дека има епилепсија, но подоцна сфативме дека кога ќе го викнеме, се буди и целиот шок поминува. Заклучокот беше дека во сон го проживува трагичниот момент, но по неколку месеци почна мирно да спие. По препорака на докторката примаше и терапија за смирување на нервите, т.е. Б витамин, што исто така вроди со плод. Денес, по една година, Конти навистина е среќно кученце и се уште се надеваме дека можеби ќе се случи моментот во кој уште повеќе ќе му се подобри состојбата со нозете, а со количката би сакале и животот да му стане поинтересен, бидејќи ќе можеме да го шетаме и надвор од дворот на манастирот“, објаснува сестра Февронија за кученцето кое што сега живее со неа во манастирот во Дојран. Таа од се' срце му благодарна на Драган од Белград кој ја донираше количката, но и на сите други пријатели кои несебично помагаат околу Конти, како и на сите луѓе што се грижат за животните. 

Ние само би додале дека малите нешта го прават човекот голем.

Па, БРАВО за овие големи луѓе!

 


Booking.com