Охрид е еден од нашите најекспонирани градови

Градот Охрид е под заштита на организацијата УНЕСКО и важи за туристички бисер на Балканскиот полуостров. И покрај тоа што постојано пристигаат жалби на сметка на превисоките цени (ова се однесува само за нашите туристи, додека за оние од странство, цените се дури и прениски!), секоја година се повеќе странски туристи се шетаат по шармантните камени улички низ стариот град и ги полнат хотелските капацитети. Градот досега бил дел од сите најголеми светски магазини како топ туристичка дестинација која мора да се види (Lonely Planet го стави меѓу 10-те најпопуларни места за оваа година), а покрај прекрасниот стар град и убавото Охридско езеро, како и волшебното опкружување (националниот парк Галичица, Св. Наум, Трпејца) крајно време е и самата општина и институциите да почнат малку повеќе да водат сметка и да се грижат за неговиот изглед, како и за самата понуда (хотелиерска и туристичка), но за тоа во некоја друга прилика.

(Голем број плажи со тек на години се поприлично уништени од човечки фактор. Она што на прв поглед боде очи покрај природната убавина е непланското бетонирање и узурпација на плажите, односно приватизација на јавниот простор за да можат да се постават што поголем број лежалки, потоа проблеми со сметот, градење комплекси без дозвола и нерешени проблеми со инфраструктурниот урбанистички план, немање бесплатни паркинзи покрај плажите, слаби дизајнерски решенија за многу јавни простори како во градот, така и вдолж езерото, покрај плажите и сл...)

Но овој пат остануваме само во доменот на позитивните работи, па во продолжение прочитајте ги нашите предлози што треба да видите и посетите доколку ветерот ве однесе за викенд во еден од најубавите градови во Македонија.

Самуилова тврдина

Средновековна тврдина првично изградена од кралот Филип 2 македонски, а потоа наречена по средновековниот цар Самоил. Тврдината првпат била споменета од страна на историчарот Тит Ливиј во III век п.н.е, уште додека била тврдина на градот Лихнид. Потоа во петтиот век од нашата ера Охрид се споменува од римските историчари како град со тврдини, кој како и другите римски градови на Балканот се брани од наездите на скитачките племиња, при големото преселување на народите во IVи V век.  По претворањето на Самуиловата држава во политичко и црковно седиште, Охрид станал средновековен метрополис. Сè до крајот на XIV и почетокот на XV век, населениот град Охрид живеел во градските ѕидини. Откако Охрид бил заземен од османлиските Турци, со доаѓањето на колонисти од Мала Азија во XV век, дошло до експанзија на населението низ пониските делови. Последен владетел на Самуиловата тврдина бил Џеладин-бег.

Светa Софија

Света Софија се наоѓа во стариот дел на градот Охрид. Посветена е на Христос како Божествена Премудрост па од таму и името Св. Софија. Оваа црква претставува еден од најзначајните знаменитости во Македонија со средновековна архитектура и фрески. Таа е една од најголемите средновековни цркви на овие простори. Во еден долг временски период Св. Софија била соборна црква на Охридската архиепископија, која својата црковна власт ја протегала на територијата на север од Дунав, до албанските брегови на запад и до Солунскиот Залив на исток. Покрај нејзиното значење како знаменитост, внатрешноста на црквата и нејзиниот двор и колонада денес претставуваат важно место за одржување на културни збиднувања како концерти и драмски претстави кои секоја година се одржуваат во Охрид.

Манастирот Свети Наум

Манастирот „Св. Наум“ е изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на неговата најјужна точка, во една месност со ретка природна убавина. Подигнувањето на овој манастир е поврзано со името на Наум, Климентовиот современик и соработник. Св. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот Св. Архангел и во 910 година бил погребан во него. Околу самиот манастир има повеќе други црквички, како: Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др. Околу самото јадро на комплексот има кирна градина преполна со фонтани, рози и пауни (бидете претпазливи со пауните – непредвидливи се!).

Ако веќе планирате да го посетите ова место одвојте барем половина ден кој би можеле а го поминете уживајчи во локацијата, но и да се напиете кафе или да ручате во неколкуте ресторана што се наоѓаат во близина на комплексот. Патување со бродче до изворите исто така вреди да се види, а има и добар хотел во кој можете да преноќите.

 

Национален парк Галичица

Национален парк Галичица е прогласен за национален парк во 1958 година. паркот опфаќа делови од планинскиот масив Галичица, со крајбрежните простори на Охридското и Преспанското Езеро. Планината се издига помеѓу Охридската и Преспанската Котлина со што нејзината положба помеѓу двете најголеми езера во земјата претставува посебна вредност. Највисокиот врв Магаро се наоѓа на надморска височина од 2.254 метри.

Врз основа на вака нагласеното богатство, националниот парк Галичица може да се искористи за прошетки и трчање по рекреативните патеки. Лоцирањето видиковци на погодни места, какви што се гребенот Баба (1.631 метри), врвот Лако Сигној (1.953 метри), врвот Гола Бука (1.897 метри) и Еленов Врв (1.221 м.), над селото Велестово, како и на други места, треба да ги открие можностите на прекрасни гледки кои две котлини и планинските простори.

Црква Св. Јован Канео

Оваа прекрасна црква која датира од 13 век е поставена на една карпа над самото езеро. Се наоѓа на само 15 минути пешачење од пристаништето и претставува едно од најфотографираните места во Македонија. Ако се загледате во азурните води ќе откриете зошто средновековните монаси го нашле својот духовен мир токму на ова место.

Ако не сакате да се враќате пешки, можете да се качите во еден од малите кајчиња кои постојано вртат во езерото под црквата и кои можат да ве однесат до пристаништето.

Национална работилница за изработка на хартија

Не знаеме дали сте знаеле, но во Охрид се печати хартија уште од 16 век, и во оваа музејска работилница можете да видите една од ретките копии на оригиналната Гутенбергова печатница што се наоѓа во музејот Мајнц, во Германија. Работилницата се уште го користи методот за печатење на хартија во изворна форма, кој го користел и Гутенберг. Тој е идентичен како на пр­ви­от при­ме­рок од Биб­ли­ја­та од 15 а во работилницата покрај тоа што можете да видите процесот како рачно се изработува хартија, можете да си кучпите и еден лист кој чини само 60 денари,но и други производи како пто се кесиња за подароци или тефтери направени од ваква хартија.

Ноќен живот

Охрид е еден од топ 10 дестинации за 2017 според Lonley Planet, најпознатиот магазин за туризам во светот. Во магазинот кафе-барот Ликвид несомнено е еден од најквалитетните барови во градот со совршен поглед на зајдисонце но и одлично место ако сакате добра забава, како и за запознавање со ноќниот живот на локалните жители.

Покрај Ликвид бар ние би ги додале Аквариус и Кадмо, како и култниот џез клуб Џез Ин, кој веќе со години е еден од најдобрите џез клубови во цела Македонија.

Каде да јадете?

Летна Бавча Канео

Под Канео постои ресторан со тераса која е сместена над самата вода, под импозантните карпи. Најчесто се јаде Плашица (ситна пржена риба која се служи со макало од лук) плус салата со вашата омилена пијачка. Храната како што веќе рековме за странците е евтина, за некои нашинци скапа, а се нудат и други специјалитети од Охридското езеро како јагула, крап, како и белвица. Во Охрид нема да најдете многу места како ова. Инаку, летната бавча се наоѓа буквално во сенката на црквата Свети Јован и претставува совршено место кое можете да го посетите кога ќе одите на посета на ова место. Има дури и мали скали од кои можете да влезете и да се натопите во водата (но ве предупредуваме, ова е ресторан, а не бар во кој можете да се шетате во бикини).

Од сите ресторани на појасот покрај езерото и на самиот влез во стариот град, Чун дефинитивно е еден од најдобрите. Со своите прозори и просторна тераса даба совршен поглед на пристаништето, а од другата страна на патот има поставено маси кои се толку блиски до езерото што имате чувство дека седите на плажа. Местото е одлично за вечера, но и за појадок и кафенце покрај езерото, додека читате весник и размислувате како да го поминете денот.

Покрај овие два ресторани, проверете ги и следниве места >>

Каде да се сместите?

Најдобрите хотели во Охрид можете да ги видите тука  >>

 

barate

loading...


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com

 

ШТО МИСЛИТЕ ЗА ОВА?