matte

Во непосредна близина на градот Прилеп, се наоѓа локалитетот Маркови Кули, тврдина која, всушност, го претставува некогашниот средновековен град на легендарниот владетел Крале Марко, син на кралот Волкашин.

Низ целиот овој масив се истакнуваат најразновидни форми во вид на врвови и остенци, столбови и запци, печурки, плочи, топки, пештерски и котлести длабнатини.

Овој масив има карпи во форма на слон, лав, баба… сместени на самата патека која води до врвот на планината, до манастирот „Трескавец“.

markovi kuli 1

Поради спецификите, овие карпи се погодни за болдеринг, за планински велосипедизам, како и за екстремните спортови како што е параглајдингот.

Камената фигура во облик на слон во подножјето на Марковите Кули е една од најатрактивните во низата карпести природни реткости на комплексот. Висока е повеќе од осум метри и широка околу пет метри. Од фигурата во облик на слон, Прилеп се гледа како на дланка.

markovi kuli2

На патот кон врвот на Калето се издига манастирот „Свети Архангел Михаил“, којшто е значаен духовен храм на христијанството, но и значајна туристичка дестинација. Од манастирот извира лековитата „петочна вода“. Манастирот е атрактивен и поради тоа што во него се наоѓаат единствените слики со ликот на Крали Марко и татко му Волкашин.


Низ четиридецениските археолошки истражувања се откриени остатоци коишто укажуваат на постоење на раноантичка населба – Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни украси од една ранохристијанска базилика. Обѕидието на овој терен потекнува од XIII – XIV век и се наоѓа во добра состојба. Ѕидовите се со широчина од околу еден метар, изградени се од послаб варовен малтер и се потпираат на големите варовни карпи. Акрополата била поделена на помали простории со внатрешни преградни ѕидови. Тука се наоѓал и дворецот на кралот Волкашин и Марко. Според некои историски наоди, оваа тврдина, до втората половина на XIII век, па и подоцна, ја бранеле само 40 војници. Населбата била сместена јужно од акрополата, на површина од околу 3,6 хектари. По смртта на кралот Марко, во 1395 година, оваа населба била заземена од турската стража, така што животот во неа целосно згаснал. Жителите на некогашната населба побарале засолниште во блиската околија.

markovi kuli 3

Така, во подножјето на Маркови Кули, се развила населба со разретчена структура, поделена во неколку маала во кои секое имало своја црква. Оваа нова населба од XIV век го добила името Варош, име под кое и ден-денес постои.

barate


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com