Положен е во впечатливите варовни карпи на кањонската долина на реката Радика, во прегратките на бујните шуми всадени на северозападните падини на планината Бистра.

bigorski4

На 2 км. од селото Ростуше, дебарско, на надморска височина од 740 метри се издига манастирот Свети Јован Бигорски.

Почетоците на неговата изградба, датираат многу одамна (се верува уште во 11 век). Денешната градба на манастирскиот комплекс ја сочинуваат: црквата, костурницата, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци и новоизградените гостински конаци, кои нудат можност на секој од посетителите, под одредени услови, да остане подолго време и да ужива во прекрасните изгрејсонца на овој божествен предел.

Се верува дека кога во времето со Ромејското Царство управувал Василиј II, на овие простори царувал цар Самоил (976-1014 г.). Во ова време, во падините на Бистра, живеел некој монарх со име Јован, кој имал потекло од Дебар. Тој бил многу добродушен човек, а голема љубов негувал кон свети Јован Крстител. Еднаш во шумата, Јован здогледал некаква светлина помеѓу дрвјата која се вивнувала кон небото. Кога се доближил видел дека лебди икона со ликот на свети Јован Крстител, окружена со блесок. Монахот одма се погрижил да ѝ изгради свој дом на иконата, па ѝ направил мало црквиче, пред кое секојдневно му се молел на св. Јован.

Според легендата, оваа света икона дошла на овие простори од Исток. Василиј II, кога дознал за добродетелниот живот на монархот Јован, го назначил за архиепископ на Охридската архиепископија во 1018 г. Воедно не заборавил и да оддаде благодарност кон изградениот параклис (мало црквиче во кое не се служи литургија), во кој се наоѓала чудотворната икона. Шест години откако монархот ја пронашол, односно во 1020 г. на истото место Василиј II, подигнал поголем храм.

Манастирот низ историјата многупати бил рушен, опустошуван, опожаруван и напаѓан, па од неговата прва градба, денес е останата само светата икона на свети Јован Крстител. Денешниот изглед на манастирот датира од крај на 18 и почеток на 19 век, а неговата изградба се поврзува со игуменот Митрофан (1796-1807), но сепак како најзаслужен за денешниот изглед на црквата се смета игуменот Арсениј (1807-1839), кој ги обновил старите конаци и повикал мајстори кои му ги дале најпрепознатливи и највеличествени уметнички и црковни вредности.

Централно место во манастирскиот комплекс, претставува соборната црква, посветена на свети Јован Крстител, изградена по углед на светогорските манастири, и е една од поголемите цркви изградени во периодот по освојувањето на Турците. Направена е во византиски архитектонски стил, изградена е од блокови од бигор и покриена е со ќерамиди, а внатрешноста изобилува со фрески, икони и мајсторски изведениот дрвен инвентар. Овој манастир е најмногу познат по резбарското ремек-дело на мијачките мајстори.

Поголемиот дел од фрескописот, што се наоѓа во големата полукалота на куполата, е дело на познатиот фрескописец Дичо Зограф, којшто е автор на голем број фрески и икони во црквите ширум Македонија. Останатите фрески во помалата полукалота на куполата се настанати од раката на некој малку послаб зограф.

Интересна е историјата на иконата на свети Јован Крстител. Таа неколку пати мистериозно исчезнувала, во немирните и тешки времиња на манастирот, кога неконтролирано го пустошеле и кога преживеал два пожара. Првиот пат иконата се преселила во манастир кој се наоѓа помеѓу Струга и Дебар, каде и денес има црква именувана по неа. Потоа, иконата се преместила во село Слатино, Дебарца, каде што денес има црква со истото име. Иконата се вратила во својот дом во манастирот, во времето на игуменот Иларион (1743-1781 г.).

bigorski5

За неа се верува дека има неверојатна исцелителна моќ за сите болни, здрави, млади, стари, православни и на луѓе од друга религија. Чудотворната моќ ја почувствувал и некој албански бег, кој имал привидение од свети Јован, кој го упатил во својот дом во манастирот, да го излекува неговото болно дете. Во знак на благодарност за оздравеното дете, бегот на цел имот му подарил маслинови дрвја. Но, свети Јован бил многу строг кон оние кои не го почитувале неговиот манастир. Така, некој бег кој дрско се фалел низ Дебар дека ќе го претвори манастирот во теќе (молитвен дом на муслиманските монаси), пред да стигне да ја оствари намерата, Јован го погубил, а на денот на погребот на бегот, со еден гром, му ги убил сите роднини.

И денес, се поврзуваат многу чуда околу оваа икона, пред која голем број верници и сите кои имаат голема мака, доаѓаат да се помолат. Во него има уште многу свети работи, кои треба да ги погледнете во текот на вашата прошетка низ манастирот, кој ќе ви ја прочисти душата и телото, а нивното фотографирање не е дозволено.

Прочитај повеќе за Bигорски манастир тука >>

barate

 

loading...


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com

 

ШТО МИСЛИТЕ ЗА ОВА?