Поимот „Фаберже јајце“ се однесува на ограничениот број скапоцени јајца изработени од Петар Карл Фаберже и неговата јувелирница помеѓу 1885 и 1917 година. Најпознати се оние направени за руските цареви Александар III и Николај II (татко и син) како велигденски подароци за нивните сопруги, коишто често се нарекуваат и „Царски Фаберже јајца“. Јувелирницата на Фаберже изработила околу 50 јајца, од кои 43 постојат до ден-денес. Биле планирани уште две за Велигден 1918 година, но не биле испорачани поради Руската револуција.

fabergevoved 

1913/4 „Снегулка“ Изненадувањето е минијатурен привезок-часовник, направен од кристал и платина, украсен со ледени кристали изработени од дијаманти. Нарачател на ова јајце-уметничко дело бил д-р Емануел Нобел.

„Штипка“ има чест да ви ги претстави следниве 10 Царски Фаберже јајца кои денес се изложени во Музејот во Кремљ, Москва. Во минатото, оваа зграда била фабрика за оружје, па затоа и се вика Музеј - Палата на оружје.

1 Сеќавање на Азов (1891)

fabergeАзов 

Јајцето „Во спомен на Азов“ (Азово јајце) е скапоцено велигденско јајце од1891 изработено за царот Александар III од Русија, а наменето како велигденски подарок за неговата сопруга, царицата Марија Фјодоровна. Изненадувањето е минијатурната реплика на бродот-крстосувач „Во спомен на Азов“ на кралската руска морнарица, изработена од црвено и жолто злато и платина, со мали дијаманти за прозорците, а поставена на парче аквамарин, што претставува вода. Името „Азов“ е испишано на крмата на бродот. Плочата има златна рамка со јамка која овозможува моделот да се извади од јајцето.
Малку историја: Името на бродот го слави рускиот брод „Азов“, предводник на руската ескадрила во битката кај Наварино. Името на тој брод, од своја страна, се однесува на Азовските походи на Петар Велики. По битката, Николај I од Русија донел одлука според која по ’пензионирањето’ на „Азов“, Кралската морнарица мора постојано да има брод именуван „Во спомен на Азов“. Крстосувачот од 1890 година бил трет брод со ова име.

2 Часовник со букет лилјани (1899)

faberge2а
Ова Фаберже јајце е велигденски подарок на царот Николај за II неговата царица Александра Фјодоровна, во 1899 година. Денес се наоѓа во Музејот во Кремљ, Москва, и е едно од ретките Фаберже јајца кое никогаш не ја напуштило Русија. Изненадувањето во ова јајце недостасува, но од современите фотографии познато е дека тоа било привезок рубин, со дијаманти исечени во вид на роза.

3 Транс-Сибирска железница (1900)

faberge3a
Транс-сибирската железница е велигденски подарок на цар Николај II за неговата сопруга, Царица Александра Фјодоровна, во 1900 година. Јајцето е високо 26 цм. Изненадувањето е минијатурен часовник-реплика на парна локомотива, направен од злато и платина во три дела, формирајќи воз со должината од 39,8 центиметри. Возот има дијамантски фарови и рубинови светилки, како и пет вагони со прозорци од камен кристал, со ознака: пошта, само дами, пушачи, непушачи, параклис. Има и клуче од злато што може да се користи за навивање, по што возот може да се движи. Од надворешната страна на јајцето, низ неговата цела површина, врежана во сребро е трасата на Транс-сибирската железница, која се протега од Санкт Петербург до Владивосток. Секоја станица е означена со по едно скапоцено каменче.
Малку историја: Во 1900 година, железничкото поврзување на европска Русија со Владивосток на пацифичкиот брег на Русија било при крај. Ова било остварување кое, и покрај огромните трошоци во ресурси и човечки животи, му донело на Николај големо задоволство. Како царевич (односно пред да стане цар), тој патувал на Далечниот Исток за да го постави камен-темелникот железницата.

4 Лист од детелина (1902)

faberge4a
Лист од детелина е велигденско јајце-подарок за царицата Александра Фјодоровнана во 1902 година од царот Николај II. И ова е едно од ретките Фаберже јајца кое никогаш не ја напуштило Русија. Изненадувањето во јајцето е изгубено, но според архивите тоа е детелина со четири листа, што има дваесет и три дијаманти, како и четири минијатурни портрети од четирите ќерки на царот Николај: Олга, Татјана, Марија и Анастасија.

5 Московски Кремљ (1906)

faberge5
Најголемото јајце (36 цм високо, со основа 18,5 x 18,5 цм) „Московски Кремљ“ (или Катедрала на Успението) е велигденски подарок во 1906 година на Николај II за царицата Александра Фјодоровна. И тоа е едно од ретките Фаберже јајца кои никогаш не ја напуштиле Русија. Ова е стилски модел инспириран од архитектурата на Катедралата на Успението во московскиот Кремљ, каде царевите на Русија биле крунисувани. Величественото јајце е во чест на враќањето во Москва на царот и царицата во 1903 година. Изненадувањето во оваа јајце е музиката. Во основата на јајцето има златна музичка кутија која свири две традиционални велигденски химни. Кутијата може да почне да свири откако ќе се навие со златно клуче, што исто така се наоѓа во јајцето. Една од песните е „Химна на ангелите“, која му била омилена на Николај II.

6 Палата „Александар“ (1908)
faberge6
Палатата „Александар“ е скапоцено велигденско Фаберже јајце кое царот на Русија, Николај II, ù го подарил на својата сопруга Александра Фјодоровна во 1908 година. Изненадувањето е детална реплика на палатата „Александар“, омилена резиденција на руското царско семејство во Царское Село. Малата реплика исто така ги содражи и околните градини толку детално изработени што восхитуваат. Минијатурата е направена од затемнето злато и емајл. Прозорците се направени од камен кристал, а покривот од светло зелен емајл. Репликата на палатата е поставена на златна маса што има пет тенки, високи ногарки. Репликата може да се извади од масата. На основата на репликата изгравиран е натпис „Палата во Царское Село“.

7 Јахта „Стандард“ (1909)

faberge7
Јахтата „Стандард“ е велигденско јајце-подарок во 1909 година. И ова Фаберже јајце е едно од ретките кои никогаш не ја напуштило Русија. Изненадувањето е златна реплика на царската јахта „Стандард“ изработена од злато и платина, а поставена во стаклен емајл. Моделот лежи на морско дно изгравиран од кристали што претставуваат океан, но може да се извади од јајцето.
Малку историја: царот Александар III нарачал да се изработи оваа 500-тонска јахта во Копенхаген. Била свечено пуштена во пловидба во 1895 година и била долга 116 метри, односно најголема јахта во светот во тоа време. Опремена со раскошен ситен инвентар, вклучувајќи панели од махагон, кристални лустери и други погодности (вклучувајќи штала за една крава за да им обезбеди свежо млеко на царските деца), оваа јахта била подвижна палата за руското царско семејство за одмор на Балтичко Море. Царското семејство било на одмор на „Стандард“ во текот на летото на 1914 година, кога ја примиле веста за атентатот врз Франц Фердинанд во Сараево, што го означил почетокот на Првата светска војна.

8 Александар III - Коњаник (1910, во спомен на починатиот цар)
faberge8b
Ова Фаберже јајце е велигденски подарок во 1910 година на последниот цар на Русија, Николај II, на неговата мајка-вдовица, царицата Марија Фјодоровна, како оддавање почит на претходниот цар Александар III, неговиот татко. Изненадувањето е очигледно - царот Александар III како коњаник. Оригиналната статуа на царот-коњаник, која вдовицата ја нарачала, а врз која се базира оваа реплика, била свечено откриена во 1909 година.

9 300-стотата годишнина на Романови (1913)
faberge9a
300-стотата годишнина од владеењето на династијата на Романови е овековечена со ова Фаберже јајце како велигденски подарок од царот Николај II за неговата сопруга, царицата Александра Фјодоровна. Изненадувањето е ротирачки глобус, изработен во детали, од темно син емајл, злато во различна боја и од челик. На едната хемисфера на глобусот е прикажана руската територија под царот Михаел во 1613 година, а на спротивната страна е прикажана руската територија под Николај II во 1913 година. Темносиниот емајл ги претставува океаните, додека копното е претставено со злато во разни бои.

10 Челична армија (1916)
faberge10
„Челичната армија“ е Фаберже јајце изработено во 1916 година за последниот цар на Русија, Николај II, како велигденски подарок за неговата сопруга. Јајцето е едно од десетте царски јајца кои никогаш не биле продадени. Ова јајце е изработена од челик, со златни декорации во форма на рускиот двоглав орел, монограмот на царица Александра... Јајцето е поставено врз четири минијатурни артилериски гранати кои, од своја страна, пак, стојат врз основа изработена од нефрит. Целото уметничко дело е украсено со златна круна на врвот. Изненадувањето е минијатурна слика, дело на уметникот Василиј Зујев, на која е прикажан царот Николај II со синот како се консултираат со офицерите на рускиот фронт. Сликата е поставена на триножник направен од злато и челик. Триножникот е обложен со стаклен емајл, додека рамката на сликата е обложена со дијаманти.

За љубопитните: Еве каде денес се наоѓаат сите Фаберже јајца и кој ги поседува:


      Локација                                                                   Сопственик
10 Кремљ (Москва), Палата на оружјето                    - Русија
 9 Сент Петерсбург, музеј „Фаберже“                         - Виктор Векселберг
 5 Вирџинија, Музеј на убавата уметност                   - САД
 3 Лондон, Кралска колекција                                     - Велика Британија
 3 Музеј на уметноста „ Метрополитен“, Њујорк         - Фондацијата на Матилда Гедингс Греј
 2 Лозана, Швајцарија                                                 - Фондацијата на Едуард и Морис Сандоз
 2 Вашингтон, Музеј „Хилвуд“                                     - САД
 2 Балтимор, Музеј на уметноста „Волтерс“                - САД
 1 Кливленд, Музеј на уметноста „Кливленд“             - САД
 1 Колекција „Монте-Карло“, Монако                         - принцот Алберт II од Монако
 1 Музеј „Фаберже“ во Баден-Баден, Германија         - Александар Иванов
 1 Катар                                                                      - државата Катар
 4 посебни приватни колекции

 

Погледнете го ова видео кое ја прикажува внатрешноста на Фаберже јајцата-подарок, но не само на оние што се изложени во Кремљ.

 

barate


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com

 

ШТО МИСЛИТЕ ЗА ОВА?