matte

Пред неколку дена се потсетивме на роденденот на Тоше Проески.

Поминаа 35 години откако во малото убаво Крушево се роди нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески кој за жал прерано не напушти и не остави без неговата прекрасна личност и божествен глас.

Освен тоа што беше најдобриот пејач во регионот, Тоше беше и огромна хумана душа и човек од кој сите можеме да го научиме она што можеби е најважно во животот. Тој многупати знаеше да рече „Блажена е душата што дава“, и ова треба да ни биде  духовна водилка во животот на сите нас, следејќи го неговиот светол пример.

Тој беше човек со големо срце и блажена душа, а сите ние сега треба да го продолжиме неговото дело и да се трудиме постојано да им помагаме на сите на кои им е потребна помош. Поради неуморната работа на ова поле Тоше ја доби и хуманитарната награда Мајка Тереза а во 2004 година беше именуван за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Неговиот хит „За овој свет“ или „This World“ станува химна на УНИЦЕФ, а многу негови концерти беа со хуманитарен карактер со што на многумина им помогна и им го разубави животот.

Тоше ја користеше секоја можност за дружење со младите и децата и ги посетување најмалите кои беа болни и сакаа да го видат. Го паметиме случајот со малата Душица Павловска која беше ранета во стомакот за време на конфликтот во 2001 година, но исто така и со 7-годишната Милена која почина во 2000 година поради болест на белите дробови. Веднаш штом дозна дека има голема желба да го запознае, Тоше побрза да ја посети во домот во Неготино, а потоа и во болицата во Скопје внсувајќи искри радост во нејзиниот за жал прекраток живот.

Тоа дека Тоше беше голем човек и голем верник го потврдува и неговата желба да го изгради манастирот „Свето Преображение“ во Крушево чии темели ги пронашол неговиот татко со другарите. Како што има изјавено за весникот „Утрински“, сè започнало кога на еден постар пријател на неговиот тактко на сон му се јавило како некој го води на местото каде порано имало манастир. И токму на тоа место, подоцна татко му на Тоше и пријателот, кој сега е починат, ги пронашле темелите на манастирот и почнале да го градат. Работата одела поприлично тешко, бидејли тешко се собирале средства но по 13 години макотрпна работа и залагања, без струја и вода, но сепак успеале да го завршат манастирот.

Според кажувањата на Тоше, од моментот кога татко му почнал да го гради манастирот, некако сè се порменило во нивното семејство, во однос на благосостобата и егзистенцијата на семејството, и Тоше верувал дека неговата слава и сите работи што му се случувале секојдневно се поврзани со изградбата на храмот и славењето на празникот Свето Преображение.

Пред неколку дена, на 25 јануари, Тоше требаше да наполни 35 години и по тој повод на овој ден беше организиран крводарителска акција во домот на АРМ. Оваа традиција започна од 2010 и се одржува во негова чест два пати во годината, во октомври и јануари, а оваа година беше една од најуспешните досега со 517 крводарители, меѓу кои и еден од најголемите пријатели на Тоше, познатиот пејач Жељко Самарџиќ.

Покрај ова, истиот ден во спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево беше промовирана досега неслушната песна од поп-ѕвездата на англиски јазик насловена како „Ако сакаш да ме оставиш. Песната има две верзии, латино и балада, а промоцијата се одржа за да се зачува традицијата со која меѓународната фондација „Тодор Проески" го слави денот на раѓањето на Тоше 25 јануари.

Во деновите околу неговиот роденден, сите се потсетуваме на големиот човек со прекрасно срце и ангелски глас. Тој замина, но во наследство на сите нас ни ја остави грижата за сите во неволја и желбата постојано да се дава и помага.

Тој многу често имаше обичај да каже на неговите концерти „Ве сакам сите!“. И ние го сакаме Тоше. Токму затоа треба да се потрудиме да го продолжиме неговото дело – и ние да ја негуваме љубовта кон сите луѓе во нашите срца и несебично да помагаме секогаш кога ќе ни се укаже можност за тоа. И да не заборавиме - не секогаш на луѓето им се потребни пари, понекогаш е доволна насмевка и добар збор!

 

barate


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com