matte

Дебитанскиот филм на сценаристот и режисер Ричард Кели во 2001 година ни донесе едно прекрасно романтично и апатично остварување, кое го покрена старото прашање – дали некој што е гениј е истовремено и лудак?!

Сценарио и режија: Richard Kelly

Дали шизофренијата е всушност една друга состојба на свест, која овозможува да се согледаат работите и енергиите од посуштински аспект, кој во секојдневието е прекриен со сите тривијалности со кои и во кои функционираме!? Дали времето е навистина релативно и за сите нас одделно и овде на земјата и како тоа може да влијае на целата околина? Дали ако поседуваме доволно знаење, моќ и умешност, можеме да влијаеме на него и како да го искористиме тоа во полза на доброто? Ова се прашањата со кои расте и созрева Дони Дарко на свој начин.

Кели полека не води во својот свет на мало американско гратче од крајот на 80 – тите, во кое живее по малку чудниот и поразличен од останатите, тинејџерот Дони. Има историја на ментално помрачување, посетува психијатар и оди на училиште. Една вечер додека месечари надвор, мотор од млазен авион паѓа во неговата куќа, односно точно во неговата соба. Од каде стигнал истиот, никој не знае. Како и да е, тоа ќе претставува пресвртница во неговиот живот, бидејќи ќе го запознае големиот зајак Франк. Всушност Франк е тој што му го спасува животот од млазниот авион и сега тврди дека светот ќе престане да постои за 28 дена. Сето тоа отвора нови хоризонти и видици за Дони, кој ќе почне да гледа фрагменти на временски портали околу себе. На тоа ќе следи и пронаоѓањето на книгата „Филозофија на патување низ времето“, која ќе му открие многу нови прашања за светот околу нас и ќе го поттикне да размислува која е неговата улога во него, пред истиот да заврши за 28 дена.

Улоги: Jake Gyllenhaal, Holmes Osborne, Maggie Gyllenhaal, Mary McDonnell, Patrick Swayze, Drew Barrymore

Целиот филм почива на младиот актер Џек Гиленхал - кој сега веќе некое време е голема холивудска ѕвезда. Тој има способност истовремено да биде и смешен и симпатичен, крајно лабилен и шизофренично сконцентриран и луциден. Самиот актер, ликот на Дони Дарко го опишува како млад човек, во момент од животот кога нагло мора да порасне, кога целиот контекст на неговиот живот е променет. „Тој воопшто не е луд! Да се гледаат хуманоидни зајаци не е баш нормална работа, но тоа е метафора. Дони се носи со проблемите како психички здава и многу зрела личност!“ – вели Гиленхал за главниот лик во филмот.

Како и да е, самите просудете што и како се вистинските ствари во објаснувањата за светот на Дони Дарко. Филмот е навистина прекрасен и филмски комплетен, така да нема да бидете во можност да го критикувате и да му наоѓате забелешки како на завршно дело. Емоциите се тие кои на крајот преовладуваат во оваа тинејџерско драма, а не разумот. Тој е само средство преку кое ќе најдете метода за да го промените она што дава таква можност, а и ќе го доведе умот во состојба на мир и емоционална исполнетост.

Автор: Злодух Кундра

barate

loading...


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

 

ПОПУЛАРНО