loading...

На голема радост на македонската публика Пасворд Продукција, организатор на музичкиот фестивал ТАКСИРАТ, ги претстави учесниците на главната вечер на фестивалот, насловена како „Ол стар“ вечер, што ќе се одржи на 9-ти декември (петок) во Метрополис Арената во Скопје.

Несомнено нашата публика со нетрпение го очекува овој музички настан, посебно од причина што на едно место се собрани најголемите имиња на македонската музичка сцена кои дадоа огромен придонес за развојот на музиката во нашата земја и оставија огромно наследство за идните генерации. Оваа вест секако ќе ја израдува и музичката публика од соседството каде овие докажани музички имиња имаат голем број на обожаватели.

Значи, подгответе се за незаборавно музичко доживување и уживање во настапите на АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, САНАТОРИУМ, ФОЛТИН и ЧИСТА ОКОЛИНА, сите на иста сцена во една вечер, под мотото „македонски звучи супер“!

Оваа идеја да се соберат нашите музички легенди на едно место на главната вечер на Таксират е несомнено одлично заокружување на овогодинешното издание на фестивалот со кое се прославува неговиот 18 роденден. Посебно што ваквиот избор на настапувачи ќе ја обедини публиката која пораснала со Таксират и младата публика која постојано ги следи случувањата на нашата сцена. Ова е одлична можност да се потсетиме на самите почетоци на фестивалот, неговиот развој во текот на годините и да се заблагодариме за шарената музичка приказна која продолжува да трае. Таксират е фестивал на современа и алтернативна музика, но и на слободниот дух, другарството и љубовта.

Нашите музичари не се на сцената случајно. Самиот концепт на фестивалот вклучува активно промовирање на македонската музичка сцена, така што пред публиката на ТАКСИРАТ досега настапиле повеќе од 450 македонски музичари, а речиси и да нема издание на Таксират во кое дел од овие изведувачи не ја предводат главната вечер.

Првите билети за главната вечер на ТАКСИРАТ ќе бидат пуштени во продажба во петок (14-ти октомври), со промотивна цена од 500 денари, за ограничен број на билети, а достапни ќе бидат и билети за галеријата по цена од 1000 денари, и тоа преку продажната мрежа на МКтикетс и онлајн на нивниот сајт.

Да се потсетиме, овогодинешниот ТАКСИРАТ фестивал вклучува повеќе ексклузивни настани и светски музички имиња. Фестивалот ќе се отвори со настапот на пионерот на електронската музика Жан-Мишел Жар со спектакуларно аудио-визуелно шоу што ќе се одржи на 13-ти ноември во ВИП Арената „Борис Трајковски“ во Скопје. На 25-ти ноември, со концерт во МКЦ доаѓа славното дуо Скај и Рос од МОРЧИБА, додека пак следниот ден е резервиран за годинашното издание на ЛУЗЕР ФЕСТ. Во рамки на ТАКСИРАТ, ексклузивно гостува најпопуларниот Бродвејски мјузикл МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ кој на 27-ми ноември во МОБ премиерно кај нас ќе го изведе српскиот ансамбл со извонредна актерска екипа.

На 2-ри декември Таксират повторно е во МКЦ и тоа со славеничкиот концерт на СМАТ за 20 години постоење на бендот, додека пак на 3-ти декември нѐ очекува и концертот на легендарната американска арт-рок група ТАКСИДОМУН.

Организаторите на ТАКСИРАТ најавуваат уште многу настани и изненадувања во рамки на фестивалот кои со нетрпение ги очекуваме.

Во меѓувреме можете да гласате за Таксират и Д Фестивал кои се најдоа на листата на номинираните фестивали за најдобри во Европа и тоа заедно во категоријата „Најдобар мал фестивал“ (Best Small Festival), додека ТАКСИРАТ исто така е номиниран и во категоријата „Најдобар фестивал во затворен простор“ (Best indoor festival) на следниот линк: http://eu.festivalawards.com/vote-now/ . Гласањето е отворено за јавноста во периодот од 6 до 31 октомври 2016, а сите кои гласаат автоматски учествуваат во наградната игра во која можат да освојат ВИП влезници за победничките фестивали!

barate

    Кликни тука и внесете го Вашиот субјект бесплатно >>

loading...
Loading...


МОЖЕБИ ЌЕ САKАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ И ОВА

loading...

 

ПОПУЛАРНО