WHERE

Кликни тука и внесете го вашиот субјект бесплатно >>

Манастир Св. Јоаким Осоговски

Контакт тел/факс: 031-492-999
http://koe.mk/manastir-sv-joakim-osogovski/

Опис

Во непосредна близина на Крива Паланка се наоѓа големото македонско светилиште, манастирот Свети Јоаким Осоговски. Токму во овие предели кон крајот на XI и почетокот на XII век се подвизувал св. Јоаким Осоговски Чудотворец.

Од житието на преподобниот отец наш 

Јоаким Осоговски Чудотворец

Преподобниот Јоаким се подвизувал во втората половина на XI век. Бидејќи ревносен за подвижнички живот во осаменост уште од младоста, тој заминал од родниот крај кон пустината на Осоговската гора. Воден од ангел Божји една вечер пристигнал во домот на еден бојарин во селото Градец.

Свети Јоаким Осоговски

Во малечката црквичка на тоа село Јоаким најпрво Му се помолил топло на Бога, па седнал пред црквата за да се одмори од долгото пешачење. Кога го виделе, му пристапиле некои бојари, а тој ги замолил да му покажат некое место во планината погодно за осаменички подвизи. Тие му укажале на подножјето на Осоговската Планина покрај реката Скупица, зашто таму се наоѓала една пештера погодна за животот каков што тој посакувал. Кога слушнал за тоа место, свети Јоаким Му заблагодарил на Бога и на Пресветата Владичица, па тргнал на пат кон местото. Кога стаса на местото наречено Сарандапор, се населил во тамошната пештера и остана во неа до крајот на животот, околу 1105-та година. Во оваа пештера се подвизувал ангелоподобно, минувајќи ги деновите и ноќите во пост, непрестајни молитви и бденија.

Во времето на византискиот цар Мануил I Комнен (1143 – 1180), Црквата го прославила споменот на преподобниот Јоаким. Било обновено и местото на неговите подвизи. Била подигната црква и манастир посветени на свети Јоаким. За прв игумен на братството бил избран јеромонахот Теофан. Светителот на сон му го открил на игуменот местото на своите свети мошти, па му покажал и дрво во шумата од кое побарал да му направи ковчег и во него да ги пренесе светите мошти во манастирот. Сето тоа отец Теофан го извршил со беспрекорно послушание и браќата со свечена литија ги пренеле моштите на Преподобниот во манастирот. Светите мошти ги положиле во црквата, за веднаш потоа крај нив да започнат да се случуваат многубројни чуда.

Од историјата на манастирот

Манастирот во својата богата историја бележи подеми и падови. За неговото значење зборува податокот дека бил посетуван од повеќе црковни великодостоинственици, државници и патеписци. На иницијатива на Хаџи Стефан Бегликчијата во 1847 год. започнува изградбата на големата соборна црква посветена на св. Јоаким Осоговски. Во 1851 год. таа е завршена и осветена. Изградбата била доверена на протомајсторот Андреј Дамјанов (1817-1878), по потекло од родот на Рензовци, најпрочуениот градител на Балканот од почетокот на XIX век.

На влезот во црквата

По својата архитектонска диспозиција, црквата претставува монументална трикорабна базилика, со два реда по три столба, кои целиот простор го делат на дванаесет травеи, над кои се изведени куполи. Од дванаесетте куполи со кои е покриена црквата, девет излегуваат на петтата фасада. Од нив пет се подигнати на повисок тамбур и формираат грчки крст на самата покривна конструкција. Четири од куполите се слепи и ги покриваат аголните травеи на објектот. Три куполи завршуваат под покривната конструкција и не се видливи однадвор. Наосот од јужната и западната страна е опфатен со тремови покриени со осум слепи куполи. На источната страна има три апсиди, од кои средната е седмострана, а бочните се петострани.

Црква на Рождеството на Пресвета Богородица

Најстариот објект во манастирскиот комплекс е малата црква на Рождество на Пресвета Богородица, градена во XIV или XVI век, врз темели на црква градени во XI – XII век. Според градителскиот концепт спаѓа во редот на мали крстообразни еднокуполни цркви, со крстообразна основа, со тристрана апсида однадвор и припрата. Градбата ја карактеризира византиски стил.

Манастирот денес

Мноштво верници и поклоници притекнуваат на поклонение на чудотворните мошти на св. Јоаким, кои се чуваат во соборниот храм на манастирот. Зашто, и самиот тропар на св. Јоаким вели: „Богоносен оче наш Јоакиме, си се јавил како жител на пустината, ангел во тело и чудотворец. Откако преку пост, бдение и молитва прими небесни дарови, ти ги лекуваш болните и душите на оние што со вера ти пристапуваат. Слава Му на Оној што ти дал сила! Слава Му на Оној што те овенчал! Слава Му на Оној што преку тебе сите ги лекува.“

Во манастирот се одржуваат и културни манифестации, како Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски”, Летна школа за архитектура и Колонија на Здружението на копаничари.

Специфики

Атракција Цркви и манастири

Локација

Крива Паланка, Македонија

Видео

Коментари

 

 

ПОПУЛАРНО


Booking.com